Подобрен квалитетот на водата за пиење
Советот на општина Гевгелија денес
по опстојна расправа го усвои Извештајот за работењето на ЈПКД„Комуналец“ во 2018 година, заедно со Финансискиот извештај и Завршната сметка. Ова јавно комунално претпријатие, покрај водоснабдувањето, одржувањето на канализационите системи, прочистување на отпадни води и собирање и депонирање на комуналниот отпад, се грижи за јавната чистота и зеленило, одржување на Градските гробишта и капела, како и опслужување на Автобуската станица и Градскиот пазар.
Минатата година во поглед на водоснабдувањето, кое се вршеше од старите бунари кај Моин и Вардар, се обезбедени и потрошени 3.216.262 м³ вода. Најголемиот дел од општина Гевгелија се снабдува со вода за пиење од регионалниот водовод, додека населените места Негорци, Прдејци, Смоквица и Миравци се снабдуваа со вода од самостојни водоводни системи. Квалитетот на водата редовно се проверува, па, така лани биле извршени 243 анализи на исправноста на водата за пиење. Во поглед на квалитетот на водата треба да се нагласи дека од јануари годинава гевгеличани пијат вода од новиот водоснабдителен систем, кој со вода за пиење се снабдува од новите бунари кај Мрзенска ада. Инаку, новиот систем е приклучен на постојната водоводна мрежа од 150 км, од кои 56 км изнесуваат доводни и потисни цевководи, 83 км улична мрежа и 11 км сервисни приклучоци.
Минатата година комуналните работници интервенирале за санирање на 644 дефекти на водоводните приклучоци, а биле издадени вкупно 127 приклучоци на водоводната мрежа. Тоа значи дека исто толку домаќинства се приклучиле кон водоснабдителниот систем. Исто така, и бројот на изведените канализациони приклучоци е двојно зголемен – минатата година биле поставенио 119 нови канализациони приклучоци. Тоа се должи, пред се, на новоизградените канализациони системи во населените места Прдејци, Мрзенци и Моин.
Инаку, во текот на минатата година комуналните работници и механизација собрале и депонирале вкупно 58.320 м³ комунален смет и тоа не само во Гевгелија, туку и во сите населени места. За подобрување на комуналната хигиена ЈПКД„Комуналец“ набавилоп 119 контејнери од 1,1 м³ и 58 нови улични канти.