Изложба за културното наследство на регионот
Во Гевгелија вчера, на Факултетот за туризам и бизнис логистика
при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, беше отворена 11.Туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот. Главна цел на изложбата е да го презентира културно-историското наследство од југоисточниот дел на Македонија. Изложбата е дело на студентите и професорите од овој факултет, кој го одбележува и еднодецениското постоење.
-Ова е сведоштво кое нѐ доближува и нѐ внесува во нашето минато. Историјата векови наназад ја одбележува културата на нашите предци, а ние како нивни наследници ја чуваме и ќе им ја пренесуваме на нашите поколенија, рече на отворањето на изложбата деканот на факултетот Никола Димитров На изложбата, пред гевгелиската јавност се изложени стари предмети и гастрономски производи изработени од студентите и нивните ментори. На свеченото отворање на изложбата присуствуваа првиот декан на Факултетот за туризам и бизнис логистика Нако Ташков, градоначалниците на општините Гевгелија и Дојран, Сашо Поцков и Анго Ангов, претседателот на Советот на општина Гевгелија Ташко Дојчинов, советници, и бројни други гости.
Во рамките на изложба беше презентирана Монографијата на Факултетот за туризам и бизнис логистига издадена по повод 10 годишнината од неговото постоење. Исто така, од страна на авторите, професорите д-р Марија Магдинчева Шопова и д-р Васко Шутаров, беше промовирана Нацрт стратегијата за развој на туризмот во општина Гевгелија за периодот 2019-2024 година.