Гевгелија престолнина на македонската кошарка
Изминатиов продолжен викенд Гевгелија
живееше во знакот на кошарката. Кошаркарскиот куп на Македонија привлече над 200 спортисти и спортски работници, бројни гости од целата земја, новинарски екипи и претставници на КФМ. Гевгелија се покажа како добар домаќин овозможувајќи натпреварите од купот да се одржат во најдобар ред и спортски дух, пред полни трибини и без никаков инцидент.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков не го криеше своето задоволство по завршувањето на финалните натпревари во машка и женска конкуренција во рамките на Купот на Македонија во кошарка:
„Организациски покажавме дека како општина, во најтесна соработка со кошаркарските клубови „Кожув“ и „Блокотехна“ можеме да организираме вакви спортски натпревари во нашиот град. Веќе ни стигнуваат пофалби за организацијата на овогодинешниот Куп во кошарка од сите страни, почнувајќи од Кошаркарската федерација, па се до тренерите и играчите на сите екипи кои настапија изминатите три дена во салата „26 Април“ и во салата на Блокотехна во Негорци. Можеби некои беа скептици, но ние со одличната организација, најнапред на мечот меѓу репрезентациите на Македонија и Косово, а сега и со Купот на Македонија, на најдобар можен начин ги разубедивме и најскептичните дека Гевгелија, како општина може на едно високо ниво да организира вакви натпревари. Изминатите три дена имавме десет натпревари, и може да кажам дека немаше никаков инцидент, а Гевгелија беше престолнина на македонската кошарка. Посакував пехарот да остане во Гевгелија, дури и предвидував финале Кожув-Блокотехна, но тоа е спортот. Еден од двата тима од Гевгелија, Блокотехна играше во финалето, тука Работнички беше подобар и заслужено го освои пехарот.“
За успешно организираниот куп Кошаркарската федерација на Македонија им врачи благодарници на организаторите - директорот на КК Кожув, Ѓорги Гетов и директорот на КК Блокотехна. Драган Ристов, како и на градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, под чие покровителство се одвиваше купот.