Почна полагањето на државната матура
205 матуранти од СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија,
кои годинава завршија четиригодишно образование продолжуваат со полагањето на државна матура. Денес се полага првиот предмет – странски јазик кој е дел од државната матура. 166 матуранти од пријавените 168 полагаа англиски јазик. И оваа година, како и минатите, најмногу матуранти во ова училиште, како и во државата избрале да полагаат англиски јазик.
На 8 јуни ќе се полага единствениот задолжителниот предмет за матурантите, мајчин јазик и литература. на 11 јуни ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија, социологија и естетика, додека на 13 јуни учениците од завршните години ќе го полагаат испитот по предметот математика. Согласно концепцијата за матура и за завршен испит, во средното образование со четиригодишно траење учениците екстерно полагаат три предмети. Испитниот материјал истиот ден кога се реализира испитот се носи во училиштата и се враќа во Државниот испитен центар (ДИЦ). Сите испити почнуваат во 10 часот.
Матурантите, покрај екстерните предмети во училишта, ќе полагаат и по уште еден интерен предмет до крајот на јуни. Претходно, тие имаа обврска да ја напишат и одбранат проектната задача од предметот што го избрале. Согласно правилникот за државна матура, прелиминарните резултатите од полагањето ќе бидат објавени во рок од 30 дена од реализација на последниот испит. Кандидатите што во јунскиот испитен рок нема да успеат да положат дел или сите испити од државната матура, односно од оправдани причини не полагале или им била изречена мерка отстранување од испитот, ќе можат да полагаат во августовскиот испитен рок.