Успешна серенада на ансамблот “Македонија“
Спасовден синоќа ги врати серенадите во Гевгелија,
благодарејќи на успешниот настап на ансамблот „Македонија“, кој во и пред градската библиотека „Гоце Делчев„ приреди несекојдневна вечер. На платото пред библиотеката, на кафеански маси седеа девојки и момчиња облечени во градски алишта пред два века, пеејќи стари и познати староградски песни. Концертот потсети на едно дамнешно време во Гевгелија, кога гевгелиската чаршија обилуваше со кафеани, серенади и градски живот.
Ансамбл „Македонија“ е составен од студенти на отсекот по етно кореологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кои пред гевгеличани се претставија со 10 градски ора и песни од повеќе краеви на Македонија, меѓу кои и ора и песни од селото Ума. Ова е единствен ваков ансамбл во кој членуваат професионалци, а со кои раководат стручни лица од областа на традиционалната игра, инструменти и пеење. Младите уметници достојно го претставија богатото културно наследство на Македонија, истовремено, збогатувајќи го одбележувањето на Спасовден. Организаторот на концертот – Домот на културата на тој начин внесе вистинско освежување во програмата со која се одбележува патронот на Гевгелија.