Превентивни мерки против пожарите
Во периодот од јануари до март 2019 година,
односно во зимскиот период, на територијата на општините Гевгелија, Богданци и Дојран, се регистрирани и локализирани 85 пожари. И тоа, најголемиот број на отворено, поради што се наметнува потребата од навремено преземање на потребни превентивни мерки во пресрет на летниот период. Тоа беше причината за свикување на денешниот состанок, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на денешниот состанок на Регионалниот штаб за превенција на кој присуствуваа претставници на државни органи и институции, јавни претпријатија и установи од општините Гевгелија, Богданци и Дојран, на чија територија дејствува ТППЕ-Гевгелија.
По опстојната расправа беше укажано на потребата од преземање на сите превентивни мерки за заштита од пожари, а кои се во надлежност на соодветната институци. Притоа, беше нагласено дека посебно внимание треба да се посвети и да се побара од сите јавнни комунални претпријатија во општините да извршат проверка на сите хидранти. Да се формираат мешовити патролни служби на претставници од МВР, Шумската полиција и ТППЕ, кои редовно ќе вршат патролни контроли на целата територија на општините Гевгелија, Богданци и Дојран. Исто така, е побарано заострување на казнената политика, пред се, од правосудните и органите на прогон, за санкционирање на сторителите и предизвикувачите на пожари. Покрај ова, Регионалниот штаб ќе се обрати писмено до ЗЕЛС со барање за поедноставување на постапката околу исклучување на одредени објекти зафатени од пожар од електричната мрежа од страна на ЕВН. Додека пак од Републичката Дирекција за заштита и спасување ќе биде побарано итно пополнување на испразнетото место општински инспектор за пожари.