Значајни еко-искуства во пограничниот регион
Во Струмица во тек е „Меѓународна конференција за
рамномерен регионален развој во Југоисточен регион“, што ја организира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. На отварањето на конференцијата се обратија Жулиета Ѓуркова раководител на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Коста Јаневски, претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански региони Кирил Парталов, државен секретар на Министерството за локална самоуправа. На конференцијата се опфатени 8 тематски сесии и тоа од областа на млади и образование, инфраструктура, мали и средни претпријатија, животна средина, информатичко и комуникациска технологија, граѓански организации и туризам во рамки на кои над 20 говорници од земјата и странство, вклучувајки ги и сите градоначалници од нашиот регион, преку презентации, панел и пленарни дискусии споделија искуства и добри практики од особено значење за развојот на Југоисточниот регион.
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков учествуваше во панел расправата на конференцијата посветена на заштитата на животната средина во регионот. Притоа, ги изнесе гевгелиските искуства на овој план, поточно, обезбедените основни еко услови за одржлив еколошко-економски локален развој. Посочувајќи ја реализацијата на еден од најголемите капитални инфраструктурани проекти – изградбата на Пречистителната станица, значајна не само за општина Гевгелија, туку и за целиот прекуграничен регион. Како што е познато, овој капитален зафат беше реализиран со финансиска поддршка од Швајцарската влада преку Швајцарската агенција за развој, која обезбеди најголем дел од средствата, како и донација од Грчката влада и финансиска поддршка од Македонската влада.
Оваа конференција се организира во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ каде Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е партнер во имплементацијата на Министерството за локална самоуправа и Кабинетот на Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори и Швајцарската Агенција за развој и соработка.