Децентрализацијата да се заснива и на компаративните предности на општините
-Најавениот нов бран на децентрализација на надлежностите
од централната на локалната власт е сосема реален, утврдена е и договорена временската рамка и динамика за реализацијата на обврските, рече градоначалникот на општина Гевгелоија и член на УО на ЗЕЛС Сашо Поцков, одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес конференција, во врска договорната средба на УО на ЗЕЛ со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и неговиот стручен тим. Поткрепувајќи го тоа со фактот дека до крајот на месецов треба да се формира петчлена оперативнa групa со претставници од двете страни, кои до крајот на јули ќе работат на темите за промени во процесот на децентрализацијата, со цел преземање на понатамошни законски измени за обезбедување на нивна објективна реализација.
Според најавите наредната година на општините треба да им бидат пренесени надлежностите околу стопанисувањето со земјоделското земјиште, пасишта, шуми, за што се неопходни и промени во сегашната поставеност и функционирање на државните јавни претпријатија. Исто така, најавено е и пренесување на надлежностите во областа на труд и социјална политика, кои се спроведуваат преку центрите за социјална заштита во општините, како и во примарната здравствена заштита. Се зависи од капацитетот и можностите на општините да ги преземат и менаџираат новодобиените надлежности. Оттука и можноста за пренесување на надлежностите во две фази, од 1 јануари и од 1 јули 2020 година, рече Поцков.
-На оваа средба во врска со претстојниот процес на децентрализација, укажав на потребата од согледување и проценување на компаративните предности на општините. На пример, како општина се откажавме од приходите што можеме да ги добиеме од рудниците, бидејќи сме еко-општина во која доминираат туризмот и производството на здрава храна. Но, тоа не значи дека не треба да остваруваме некаква добивка од казино бизнисот, кој во општина Гевгелија е развиен поради блискоста до македонско-грчката граниза. Во моментов од данокот на инсталираните слот машини се издвојуваат по 3% за потребите на здравството, кое само од слот машините во трите хотел-казина „Аполонија“, „Принцес“ и „Фламинго“ годишно остварува 1 милион евра. Зошто, тоа не би било случај и со општината, која треба да биде вклучена не само во финансиско искористување на компаративната предност од казино-бизнисот, туку и во постапката за издавање на лиценци на инвеститорите заинтересирани за отворање на казина, каков што е случајот во Словенија. Бидејќи на тој начин општината може директно да влијае на локалниот економски развој, кој во моментот во општина Гевгелија е насочен и се одвива преку туризмот и лесната индустрија, поточно, текстилната, прехранбената индустрија и винарството, рече градоначалникот Сашо Поцков..