Претстои динамична инвестициона сезона
Во завршна фаза е акцијата за обнова на патната мрежа во општината,
која започна пролетва, а финишира летово, информираше градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на денешниот брифинг со новинарите. Во Миравци се надградуваат шахтите на улицата, од центарот на населеното место, до градинката и до ОО„Климент Охридски“. Со тоа се создаваат услови за асфалтирање, кое истовремено ќе се изврши на улицата „1 мај“ и паркингот кај гробиштата во Гевгелија и на улицата во Миравци.
Со бетонирањето на улицата од центарот на Давидово до црквата ќе биде завршена и акцијата за бетонирање на помали улички и краци во неколку населени места во општината.Во изминатите месеци во 9 населени места беа реализирани проекти за изградба, реконструкција и бетонирање на повеќе улици, согласно, распишаните три тендери за овие изведбени работи. Притоа, беа бетонирани над 4.500 квадратни метри улчична површина, но и сфалтирани повеќе постари улици.
-Треба да се напомене дека обврските кон изведувачите по завршената работа се измирени, затоа што при утврдувањето на приоритетните зафати се раководев од определбата да го сработиме она што е во интерес на граѓаните, но, што можеме да го платиме. Покрај ова, за подобрување на инфраструктурата во општината обезбедени се повеќе грантови, кои значително ќе придонесат за проширување и подобрување на квалитетот на патната, водоводната и канализационата мрежа во општината. Како што е познато на општината и се одобрени средства за доизградба на патот од Негорци до Серменин, изградба на новиот локален пат Давидово манастир „Св.Илија“, изградба на патот Богородица-Стојаково-крстосница кај бензинската пумпа „Шимов“. Одобрени се средства за доизградба на патот за Ума, а во тек е изградбата на алтернативниот пат Прдејци-Смоквица, со што ќе им се овозможи на жителите од овој крај, крај автопатната делница, непречено и бесплатно движење. Исто така, на општината и се доделени средства за изградба на пречистителната станица во Моин, а грантот од Светска банка за успешно реализираниот Водоснабдителен систем ќе биде наменет за водоводна мрежа во станбената населба „Караорман“, каде што од сопствени средства ќе градиме и препумпна станица. За сите овие зафати веќе се распишани тендери или тоа наскоро ќе го направиме, а тоа значи дека ни претстои динамична инфраструктурна сезона, истакна градоначалникот Сашо Поцков.