КК „Кожуф“ ќе биде единствениот кошаркарски клуб во Гевгелија
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков,
на денешната средба со новинарите, информираше дека со сопственикот и спонзорот на КК„Блокотехна“ е постигнат договор во наредната кошаркарска сезона, Гевгелија во првата кошаркарска лига да ја претставува еден кошаркарски клуб - КК„Кожув“. Тоа значи дека КК„Кожув“ ќе настапува значително зајакнат, како во поглед на играчкиот состав, така и во организацискиот настап. Компанијата „Ноел“, која беше сопственик и единствен спонзор на КК„Блокотехна“ најави финансиска и организациска поддршка на единствениот кошаркарски клуб „Кожув“, соопшти Поцков.
-Гевгелија е вистински кошаркарски град, кој изминатава сезона имаше два кошаркарски клуба, кои се натпреваруваа во првата државна лига, доби шампион на БИБЛ лигата, а беше и домаќин на Кошаркашкиот куп. Констатиравме дека ваквата традиција можеме да ја продолжиме и да постигнеме уште подобри резултати со единствен кошаркарски клуб. Општина Гевгелија годишно за поддршка на спортот од општинскиот буџет издвојува 9 милиони денари, од кои 6,5 милиони денари за кошарката и фудбалот. Меѓутоа, за постигнување на подобри резултати неопходни се дополнителни финансиски средства. Затоа, организирав средба со најголемите компании и побарав поддршка за остварување на ваквата заедничка цел. Со конкретна демонстрација на својата општествена одговорност тие значително можат да помогнат Гевгелија да го задржи спортскиот бренд. По добиената поддршка, ќе следат поединечни разговори, а во обезбедувањето на поширока поддршка ќе бидат вклучени и помалите компании, рече Поцков.
Притоа, појасни дека од исходот на разговорите со бизнис заедницата ќе зависи и составот на новиот управен одбор на КК„Кожув“, нагласувајќи дека целиот процес ќе се одвива најтранспарентно. КК„Кожув“ е општиски клуб, а заедничка цел е негова афирмација и обезбедување на потребните предуслови за тоа. Истотото важи и за другите спортови во градот, пред се, ФК„Кожув“ кој има шанси да постигне висок пласман во единствената Втора фудбалска лига, која ќе биде формирана наредната фудбалска сезона, информираше градоначалникот на општина Гевгелија.