Одобрен грант од ИОМ за изградба на патот до времената депонија
-Меѓународната организација за мигранти (ИОМ) и одобри грант
на општина Гевгелија за изградба на пристапниот пат до врмената депонијата кај Ново Коњско, соопшти градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков. Со изградбата на пристапниот пат ќе се создадат услови за профункционирање на депонијата. Станува збор за првата депонија изградена во земјава според европските стандарди.
Според градоначалникот Сашо Поцков претстои потпишување на договор со ИОМ за реализација на проектот, а општина Гевгелија од своја страна се обврза да обезбеди довод на вода и струја до самата локација на депонијата. Тоа ќе го направиме со финансиски средства од буџетот на општината.. Со обезбедување на струја и вода до локацијата, како и со почнување на градбата на пристапниот пат до самата депонија ќе бидат создадени услови не само за профункционирање на времената депонија, туку и за затворање на сегашната нелегална депонија, која се протега по брегот на Сува Река, чиј капацитет е одамна надминат и претставува сериозна закана за животната средина и здравјето, нагласува Поцков.
Затоа паралелно се одвиваат активностите за затворање на дивата депонија и рехабилитација на целиот простор за која цел веќе се обезбедени 400.000 евра од грантот кој што беше наменет за изградба на Пречистителната станица кај Гевгелија. За таа цел, претставници на Швајцарската агенција за развој (SECO) се сретнаа со градоначалникот на општина Гевгелија заради интензивирање на активностите, како за профункционирање на времената депонија, така и за затворање на дивата депонија. Проектот ќе го имплементира швајцарската агенција, која веќе го ангажирала ирскиот експерт Грахам Гранбaнг, кој подолго време работи во нашата земја. Тој информираше дека ќе биде изграден заштитен зид меѓу сегашната дива депонија и брегот на Сува река, а на посебен простор остатокот од претходно рециклираниот комунален отпад ќе се третира. Проектот ќе финишира со уредување на зелена површина на локацијата каде што сега се наоѓа дивата депонија.
До крајот на септември од страна на SECO и ирскиот експерт најавена е изработка на студија за структурата на отпадот, третирање на исцедокот и целиот отпад. Исто така, ќе биде изработен оперативен план и прирачник за функционирањето на новата времена депонија, издвојување на талогот и негово транспортирање до пречистителната станица. Предвидена е и посебна обука за вработените во Времената депонија, бидејќи станува збор за една од најсовремените депонии. Како што е познато, оваа депонија беше изградена со јапонски грант од 1,5 милиони американски долари, што го обезбеди УНДП. Додека пак грантот за изградбата на Пречистителната станица, која е најголема и единствена од таков вид во земјата, сметаат стручњаците, во висина од 10,5 милиони евра, најголемиот дел беше обезбеден од Швајцарската влада, дел од Владата на Република Грција и од Владата на Република Северна Македонија.