Во пожарот целосно изгореа шест стана, нема повредени станари, а полесно се повредени неколкумина пожарникари
Во пожарот што вчера ја зафати станбената зграда на улица
„Ристо Чавдаров“ во Гевгелија, а во кој изгоре целото поткровје со шест станови, со брза и пожртвувана интервенција на противпожарните единици од Гевгелија, Валандово и Неготино, беше избегната поголема трагедија. Станарите од опожарените станови, веднаш по неговото пријавување во 11.25 часот, биле навреме евакуирани, а засега единствено со полесни телесни повреди се здобиле неколкумина пожарникари, главно, изгореници и исеченици на екстремитетите и отежнато дишење. Се разбира, пожарот предизвика голема материјална штета, која допрва ќе се проценува, бидејќи во пожарот целосно изгореа сите шест стана во поткровјето на зградата, а оштетувања има и на шестте станови на петиот кат.
Многу кратко по пријавувањето на пожарот, поточно, во 11.45 часот единицата на ТППЕ-Гевгелија дејствуваше преку двата влеза од станбената зграда. Во гаснењето на пожарот учествуваа 22 пожарникари од ТППЕ-Гевгелија, Валандово и Неготино, 5 доброволци од Доброволното противпожарно друштво во Дојран, вработени во ЈПКД„Комуналец“ и 6 припадници на МВР. Притоа, беа ангажирани 7 противпожарни возила, но и други помошни возила учествуваа во гаснењето на пожарот. Најголем проблем за негово локализирање, меѓутоа, претставуваа силниот ветер и покривот на становите во поткровјето, изработен од дрво.
-Во 14.45 часот пожарот беше ставен под контрола со натчовечки напори и голема пожртвуваност на пожарникарите и сите други, кои учествуваа во борбата со огнената стихија. Сето тоа се одвиваше во многу лоши услови, бидејќи пожарот изби во еден од становите во поткровјето, на шестиот кат и за миг се прошири на целиот кат. Наша цел беше, најпрво, да се евакуираат станарите од зградата и да не се дозволи пожарот да ги зафати становите од петтиот кат. Во тоа и успеавме, така што пожарот, кој што целосно беше изгаснат во 16 часот, не ги зафати другите соседни станови, - вели командирот на ТППЕ-Гевгелија Раде Котевски, кој раководеше со акцијата за локализирање на пожарот. Притоа, нагласува дека многу значајно е што нема повредени граѓани.
Инаку, во пожарот целосно изгореа 6 станови во поткровјето, од кои три биле празни, а 6 станови на петтиот кат се делумно оштетени. За време на интервенцијата оштетена е техничката опрема и личната заштитна опрема на пожарникарите. За време и веднаш по пожарот инспектор за пожари при Дирекцијата за заштита и спасување изврши увид, а на терен излегоа и истражните органи. Засега официјално се уште не се познати причините за пожарот.