Општина Гевгелија обезбеди покрив над главата и еднократна парична помош за оштетените станари
-Општина Гевгелија со сите расположиви средства, а согласно своите надлежности,
ќе помогне во обесштетувањето на станарите кои останаа без покрив над главата, како и во санирањето на штетите, најави градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков за време и веднаш по локализирањето на пожарот. На семејствата чии станови беа целосно изгорени или оштетени, од страна на општината им беше обезбедено времено сместување. По синоќешната средба на градоначалникот на општината со некои од станарите на опожарените станови беше договорено општина Гевгелија да им исплати по еднократна парична парична помош на оштетените станари. На секое семејство од изгорените станови во поткровјето денес им е исплатена еднократна парична помош во висина на едномесечна просечна плата. Еднократна парична помош им е исплатена и на семејствата во становите од петтиот кат, кои се делумно или повеќе оштетени.
Во текот на денешниот ден, претседателот на Советот на општина Гевгелија Ташко Дојчинов оствари уште една средба со оштетените станари на која стана збор околу обесштетувањето и санирањето на штетите. Покрај обезбедувањето на покрив над главата за семејствата кои тоа го немааат и еднократната парична помош од страна на општината, беше договорена акција за расчистување на опожарените станови. Со механизација од градежните фирми и на ЈПКД„Комуналец“ ќе бидат расчистени остатоците од изгорените станови на шестиот кат, како и дворот на станбената зграда. Во акцијата, која ќе биде изведена во текот на утрешниот ден, ќе бидат вклучени комуналните работници и друга работна рака. Претходно, ЈПКД„Комуналец“ ќе изврши контрола на водоводната мрежа, со исклучување на опожарениот кат, а вклучување во водовната мрежа на другите станови. Од страна на ЕВН најавено е повторно приклучување на електрична енергија на шалт таблата на зградата, по што, станарите треба да извршат приклучување на сопствените шалт табли.