Програма „Општо-корисна работа“
Општина Гевгелија по втор пат аплицираше за учество во програмата
„Општинско корисна работа”, како дел од Оперативниот план за услуги и активни програми и мерки за вработување на Владата на РСМ за 2019 година. Програмата претставува активност која овозможува унапредување на системот за обезбедување на социјални услуги на локално ниво преку надополнување на постојните или воведување на нови услуги. Таа промовира партиципативен пристап во дефинирањето на потребите и дизајнирањето на услугите, преку инволвирање на заедницата и институциите на локално ниво.
Програмата Програма „Општинско - корисна работа” (ОКР) ја реализираат заеднички Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Агенцијата за вработување (АВРМ), центрите за вработување (ЦВ), центрите за социјална работа (ЦСР), единиците за локална самоуправа (ЕЛС) и Градот Скопје, локалните институции и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а истата се финансира од Буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ и учество со кофинансирање на општините во износ од 20% од месечниот надоместок.
Годинава општината аплицираше со два проекти, а работното тело на програмата ги подржа и двата проекта. Проектот со наслов „Можности за сите“ општина Гевгелија ќе го реализира самостојно, а другиот проект со наслов „Отворена врата за социјална инклузија и градење подобра заедничка иднина” ќе биде реализиран заедно со општините Богданци и Дојран, врз основа на договор за меѓуопштинска соработка.
Во тек се јавни повици до евидентираните невработени лица за вклучување во Програмата Општинско - корисна работа, за работно ангажирање од 20 (дваесет) часа неделно, заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд.
За периодот додека лицата ќе бидат работно ангажирани не го губат статусот на невработено лице и истите се должни редовно да се јавуваат во Агенција за вработување - Центар за вработување Гевгелија со цел почитување на обврските согласно закон. На невработените лица - корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.
На кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата Општинско-корисна работа ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000,00 денари месечно, а општината ќе го исплаќа данокот на личен доход, како и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.