Новите училници во СОУ „Ј. Јосифовски“ готови за новата учебна година
Новите училници во СОУ„ Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија
се готови да ги примат учениците во новата учебна година, соопшти директорот на ова средно општинско училиште Цветан Неловски, по извршениот технички прием. Изградбата на новите 21 училници беше извршена со кредит што општина Гевгелија го доби од Светска банка, во висина од 34 милиони денари, како и сопствено учество од 5,7 милиони денари. Според Неловски, со реализацијата на овој проект се обезбедија нови 21 училници во западното крило од училиштето, приземје и два ката, со кои веќе од стартот на новата учебна 2019/2020 година, се обезбедува едносменско работење на училиштето и целосна енергетска заштеда во овој средноучилишен центар.
Во тек е опремувањето на училниците со нов инвентар потребен за изведување на наставниот процес. По изградбата на новите училници, во СОУ„Јосиф Јосифовски“ продолжуваат градежните работи и за реконструкција на угостителскиот дел и ресторанот во ова средно општинско училиште. Овој проект се реализира со заштедените 28 милиони денари од блок дотациите што училиштето ги добиваше во изминатите осум години. Изведувач на работите е градежната фирма „Еуроинг“од Гевгелија. Инаку во Средното општинско училиште,,Јосиф Јосифовски’’ се школуваат над 650 средношколци и тоа гимназиско образование, угостителско туристичка струка, економска и машинска струка.