Кварталниот извештај не е усвоен, иако, се реализирани повеќе од половината од планираните буџетски средства
првото полугодие од годината од проектираните приходи
во основен буџет на општина Гевгелија за 2019 година, во износ од 275.678.228 денари, биле реализирани 53,79% или 148.288.060 денари. Додека пак од вкупно проектираниот буџет во износ на 628.518.719 денари, биле реализирани 47,51% или 298.631.080 денари буџетски приходи. Тоа се досега најповолни остварувања на основниот буџет, констатира градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на денешната седница на Советот на општина Гевгелија, кој расправаше за Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на општина Гевгелија во првото полугодие од годината.
-Точно е дека во приходната ставка влегуваат и средствата кои на општина Гевгелија ѝ беа доделени од централната власт согласно Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа. Меѓутоа, треба да се има предвид дека и средствата од централната власт се приходи, особено, кога поради наметнатите обврски од истата централна власт, каков што е случајот со Гевгелија, приходите од комуналниот надомест да бидат целосно намалени или пак воопшто неостварени приходи од компаративните предности на општината. И покрај тоа, финансиската состојба во општината во изминатиот период е стабилна, како општина навреме ги измируваме сите обврски, вклучувајќи ја и исплатената прва рата од користениот заем од Светска банка за изградба на новиот водоснабдителен систем, рече Поцков, одговарајќи на критичките забелешки од советниците на опозицијата.
Тој нагласи дека општината не стагнира, посочувајќи дека со летната инфраструктурна акција, од 12 населени места беа опфатени дури 10, каде што се изведуваа градежни работи за нови улици и други инфраструктурни зафати. Во Гевгелија ваквите зафати, исто така, не изостанаа, а по реакциите од граѓаните кои платиле комуналии и изградиле куќи во населбата Караорман, а се уште не можат да се вселат оти немаат вода и канализација, се зафативме да го решиме и овој наследен проблем – со доделениот грант од МСИП распишавме тендер за изградба на водоводна мрежа, а со буџетски средства ќе настојуваме да изградиме и канализациона линија. Во врска пак со грантот од KFW банка, што општина Гевгелија го доби заедно со општина Кавадарци, реализацијата е забавена поради постапката за избор на консултант од страна на донаторот. Градоначалникот Сашо Поцков ја оцени како успешна работата на ЈПКД„Комуналец“, како поради финансиските резултати, така и според реализираните активности.
-Ја прифаќам секоја добронамерна критика, но, не и критизерството кое доминира во нашето општество, особено во последно време со лажни вести. Честопати опозицијата ме критикува дека сите капитални проекти сум ги наследил од претходниот градоначалник, а само сум ги финиширал. Тоа е точно, но, притоа се заборава дека ниту еден проект не е мој или на претходниот градоначалник, бидејќи тоа се проекти на сите граѓани, кои ги користат придобивките, но и ги плаќаат и обврските. Само од четирите капитални проекти два се реализирани со кредити од Светска банка, а два со донации. Меѓутоа, и во вакви случаи многу е важно менаџирањето со проектите – само за потсетување, за изградениот нов водоснабдителен систем требаше да се обезбедат дополнително 8,3 милиони денари сопствени средства, што е 10% од вкупно искористените кредитни средства. Дополнително ЈПКД„Комуналец“ требаше да обезбеди оградување на бунарите. Токму за успешно реализирањето на овој проект од Светска банка ни беше доделен грант со кој ќе градиме водоводна мрежа на Караорман. Успешно реализиран проект е кога ќе бидат завршени сите изведени работи, на пример, ние ја предадовме Времената депонија, кој проект го наследив од мојот претходник, но, без приоден пат, струја и вода. На добар пат сме проблемот со приодниот пат да го решиме со грант од ИОМ, за што наскоро очекуваме да биде потпишан договор, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.
Иако, беше оценето дека остварените приходи во основниот буџет во првото полугодие досега се најповолни, при гласањето во Советот на општина Гевгелија за усвојување на Кварталниот извештај не беше обезбедено мнозинство. Имено, за Кварталниот извештај гласаа 9 советници од редот на СДСМ и еден од коалиционите партнери, 6 советници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, а тројца советници беа воздржани.