Реализираните проекти и остварените буџетски приходи најдобра потврда за домаќинското работење на општината
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков
на денешната прес конференција ја информираше јавноста за неколку настани и активности во општина Гевгелија:
- Вчера имав средба со претставниците на KFW банката и на Министерството за транспорт и врски во врска со реализацијата на грантот од 2,5 милиони евра, што општина Гевгелија го доби од оваа банка.
Со тоа всушност започнаа и активностите околу реализација на овој грантот од 5 милиони евра, кои германска банка за развој им ги додели на општина Гевгелија и општина Кавадарци.
Во општина Гевгелија со грантот е предвидена изградба на водоводна линија за довод на вода од новиот водоснабдителен систем за Негорци и за Прдејци. Исто така, ќе биде извршена рехабилитација на постојната водоводна линија на потегот Гевгелија-Богородица, која е застарена и нефункционална. Со грантот ќе биде реализиран и проектот за заштита на Гевгелија од атмосферски води, преку сепарација на досегашниот постоечки мешовит канализационен систем и изградба на нова атмосферска канализациона мрежа. Предвидена е изградба на примарна и секундарна канализација во јужниот дел на градот, од поранешната касарна, па, се до железничката пруга. Покрај ова, ќе биде изградена атмосферска кианализациона мрежа на улица Никола Карев и дел од Серменинска улица во Гевгелија.
Остатокот од грантот ќе биде наменет за замена на старите затварачи во дистрибутивната водоводна мрежа со разни димензии, како и замена на корисничките водомери со далечинско читање. Имено, во ЈПКД„Комуналец“-Гевгелија во првата фаза има заменето околу 3.000 стари водомери на домаќинствата со нови водомери со далечинско отчитување во градот Гевгелија. Со средствата од грантот ќе се овозможи реализација на втората фаза, односно замена на сите водомери, така што сите корисници - домаќинства во градот Гевгелија ќе имаат еднаков третман во поглед на инсталирани нови водомери. Исто така, ќе бидат набавени протокомери на сите излези од резервоари и бунарски подрачја.
До крајот на годината ќе биде избран консултант за реализација на грантот, кој ќе започне со подготовка на тендерската документација.
Реализацијата на проектот треба да започне во текот на наредната година.
Бидејќи општината веќе ја подготви техничката документација, побарав да бидат интензивирани активностите околу менаџирањето на грантот за што е задолжена KFW банката, а чија реализација ја координира Министерството за транспорт и врски.
Потпишан е договорот со Меѓународната организација за миграција за изградба на приодниот пат до Времената депонија, а според договореното очекувам до крајот на годината работите да бидат завршени, односно придониот пат да биде готов.
Со доделениот грант од Светска банка во износ од 4.170.000 денари за успешно реализираниот проект за водоснабдување, веќе распишавме тендер за изградба на водоводна мрежа во станбената населба Караорман, а со буџетски средства ќе настојуваме да изградиме и канализациона линија.
Започна изградбата на последната неасфалтирана делница од патот Негорци-Серменин, која треба да биде готова до општинскиот празник 7 ноември.
Во текот на следната недела започнува изградбата на патот од Давидово до манастирот Свети Илија, а по втор пат ќе биде распишан тендер за изградба на Пречистителна станица во Моин.
Во подготовка е и тендерот за ревитализација на патот Богородица-Стојаково-крстосница со регионалниот пат Гевгелија-Богданци.
Во оваа прилика сакам, исто така, да Ве информирам дека во пресрет на новата учебна година во сите општински основни училишта и во средноучилишниот центар се преземени активности за подобрување на просторните и воопшто условите за работа.
За таа цел од заштедените средства од добиените дотации вложени се над 500.000 денари.
Зафати за подобрување на условите се извршени не само во централните училишта, туку и во подрачните училишта во населените места Милетково и Кованец.
Сепак, најголемиот инвестиционен зафат во образовните институции во општината, во пресрет на новата учебна година, е реализиран во СОУ„Јосиф Јосифовски“, каде што се изградени 21 училници, а утре и официјално ќе бидат предадени во употреба.
Во централната детска градинка во Гевгелија и во детската градинка во Негорци во тек е целосната замена на столаријата, за што детската градинка издвои 7,3 милиони денари сопствени средства.
Исто така, во централната градинка, како и во градинките Сончогледи и Цветови во Гевгелија комплетно ќе се реновираат тоалетите, а набавена и нова постелнина и детски креветчиња за сите градинки.
На крајот сакам да нагласам дека во 2018 година финансиски ја консолидиравме општината и дека од почетокот на 2019 година, па, до крајот на мојот мндат сета енергија и ангажман ќе бидат насочени кон реализација на проектите што сме ги предвиделе и за задоволување на потребите на граѓаните. Впрочем реализацијата на започнатите проекти што претходно ги спомнав, како и извршувањето на приходите во основниот буџет од 53,8% во првото полугодие од годината говорат во прилог на домаќинското и транспарентно работење на општината.
Градоначалникот Сашо Поцков одговори и на повеќе новинарски прашања, меѓу кои и за исходот на последната седница на Советот на општина Гевгелија, на која не беше усвоен Кварталниот извештај за извршување на општинскиот буџет.
-Досега во локалната самоуправа, од финансиската децентрализација во 2005 година, не е реализиран ваков висок процент на извршување на приходите, како во основниот, така и во вкупниот општински буџет. Во изминатиот период, Советот на општина Гевгелија го прифати Кварталниот извештај за тримесечието, иако, процентот на извршување беше значително понизок. Затоа, сметам дека неизгласувањето или воздржаното гласање за Кварталниот извештај сега од страна на поедини советници или цела советничка група е неприпципиелно и од чисто лиични причини. Останува да видиме при усвојувањето на Завршната сметка за извршување на буџетот, кога очекувам остварувањата во полугодието да бидат повторени и надминати и на крајот од годината, дали истите советници ќе бидат на ист начин принципиелни. Особено, ако се има предвид дека неизгласувањето на новиот буџет и завршна сметка повлекува и распуштање на Советот, рече Поцков.