Распишан тендерот за изградба на патот до времената депонија
Распишан е тендерот за изградба на патот од крстосницата
кај Ново Конско до новата Времена Депонија. Меѓународната организација за мигранти (ИОМ) го распиша тендерот за “Ревитализација на патот за депонија кај с.Ново Конскои“, а рокот на пријавување на заинтересираните изведувачи е 30 септември 2019 година. Имено, ИОМ со посебен грант ќе ја финансира изградбата на овој пат за што потпиша договор со општина Гевгелија за користење на грантовите средства.
Поточно, со доделениот грант од ИОМ ќе биде уреден и изграден долниот и горниот слој од патот до Времената депонија, до фаза на тампонирање. Општина Гевгелија од своја страна ќе обезбеди обезбеди довод на вода и струја до самата локација на депонијата. За таа цел веќе се започнати подготовките во ЈПКД„Комуналец“ за обезбедување на вода, додека пак во тек се разговорите со ЕВН за обезбедување на струја, согласно изработената проектна документација.
Со обезбедување на струја и вода до локацијата, како и со почнување на градбата на пристапниот пат до самата депонија, ќе бидат создадени услови не само за профункционирање на времената депонија, туку и за затворање на сегашната нелегална депонија, која се протега по брегот на Сува Река, чиј капацитет е одамна надминат и претставува сериозна закана за животната средина и здравјето. Од страна на УНДП паралелно се одвиваат активностите за реализација на проектот за ревитализација на старата депонија.