Започна изградбата на патот Давидово - Манастир Св. Илија
Денес започнаа изведбените работи на патот од центарот на
Давидово до манастираот Свети Илија. Станува збор за пат за кој од страна на месната заедница од поодамна беше покрената иницијатива и изработен проект. Општина Гевгелија ја прифати иницијативата и со проектот аплицираше до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, која одобри 10.665.000 денари за изградба на овој пат. Изведувач на работите, по завршената тендерска постапка, е градежната фирма Еуроинг.
-Денес присуствуваме на еден значаен проект, барем за граѓаните на Давидово, а секако и пошироко. Започнува изградбата на патот од Давидово до манастирот Свети Илија, во должина од 767 метри, кој води од селските гробишта до манастирот Св.Илија.
Со изградбата на патот на жителите на Давидово и околината, но и на другите посетители, а чиј број не е мал, ќе им се овозможи полесна комуникација со манастирот Св.Илија, истакна градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на означувањето на почетокот на градбата на патот. Истовремено, тој најави:
-Наскоро се очекува да зпочне и ревитализацијата на патот Богородица-Стојаково-крстосница кај бензинската пумпа Шимов, кој се финансира од истата агенција, но, преку Југоисточниот плански регион. Во оваа прилика сакам да нагласам дека во општината до крајот на годината претстои голема акција за подобрување на патната инфраструктура. Имено, на општината од страна на Министерството за транспорт и врски и се доделени 889.000 евра од програмата на Светската банка, за патна инфраструктура. Во тек се подготовките околу проектите со кои ќе аплицираме за реализација на овој грант, рече Поцков.