На седми, осми и деветти ноември - фестивал на локална храна и вино во Гевгелија
На 7,8 и 9 ноември 2019 година во Гевгелија
ќе се одржи Фестивал на локална храна и вино – Гевгелија 2019. Фестивалот ќе се одржи под покровителство на Општина Гевгелија, чија апликација беше прифатена од Министерството за земјоделство за организирање на саемска манифестација која ќе ги презентира своите достигнувања, како и потенцијалите во доменот на производството на храна и вино. Во организација на манифестацијата се вклучени фондацијата „Аполонија“ и повеќето производители на храна и вино во општина Гевгелија.
Фестивалот на локална храна и вино ќе се одржи на шеталиштето кај фонтаната и пред и на терасата на хотелот „Аполонија“, каде што ќе бидат поставени штандови на кои производителите ќе ги изложат, рекламираат, продаваат и ќе им овозможат на посетителите да ги пробаат нивните производи. Свеченото отворање на Фестивалот на храна и вино е закажано за 11 часот на 7 ноември, додека на 8 и 9 ноември ќе биде отворен од 12 до 18 часот.
Паралелно со презентацијата на храна и вино од овој крај, на поставената бина кај шеталиштето ќе се изведува богата културно-уметничка програма со учество на детски хорови, балетски и танчерски групи, пеачи и фолклорни ансамбли. Додека пак на терасата на хотел „Аполонија“ ќе се одржуваат неколку детски работилници со учество на младите ликовни уметници од Ликовната работилница на Пионерскиот дом и основните училишта во Гевгелија, како и фондацијата „Аполонија“
Од организациониот одбор на манифестацијата велат дека досега учеството го потврдиле 15-ина производители на конзервиран зеленчук и овошје, на прехранбени и кондиторски производи, пчелари и производители на вино. Покрај нив, ќе бидат поканети да учествуваат на фестивалот и гевгелиските угостители со свои штандови, нагласуваат во организациониот одбор. Се очекува Фестивалот на локална храна и вино „Гевгелија 2019“ да биде традиционален.