Во деветте месеци основниот буџет реализиран со 66%
Во деветте месеци од годината реализацијата на основниот буџет
изнесува 66,17 %. Имено, од планираните 275.678.228 денари приходи во основниот буџет, од јануари до крајот на септември 2019 година се реализирани 182.403.821 денар. Додека пак од вкупно проектираниот буџет од 628.518.719 денари во 2019 година, во првите девет месеци се реализирани 401.918.418 денари или 63,95%. Во истиот период капиталните расходи изнесуваат 167.792.700 денари или 41,9 % од вкупно реализираните расходи од 400.427.490 денари.
Ваквите остварувања на општинскиот буџет во првите девет месеци од годината беа потврдени и со усвојувањето на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на општина Гевгелија за периодот јануари-септември 2019 година на денешната седница на Советот на општина Гевгелија. Според градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков тоа е најдобра потврда за домаќинското и транспарентното работење на општината.
-Општина Гевгелија е финансиски консолидирана со остварени приходи во основниот буџет од 53 % во првото полугодие од годината. Ваквиот тренд, како и што најавив, продолжи и во изминатите девет месеци кога остварени се 66 % од основниот буџет, што досега не се случило. Значајно е да се забележи дека покрај редовното сервисирање на наследениот долг, настојувавме сите тековни обврски навреме да ги измириме. Со ваквото домаќинско работење, а би рекол и менаџерско управување со финансиите на општината се создаваат добри предуслови за претстојното проектирање на буџетската рамка во наредната година, истакна Поцков на седницата на Советот на општината. Тоа е посебно значајно, бидејќи се наоѓаме пред големи предизвици – во наредниот период не очекува реализација на неколку капитални проекти, со веќе затворена финансиска конструкција, рече градоначалникот на општина Гевгеија.
-Договорена е агендата и изработени се проектите за реализација на германскиот грант од 2,5 милиони евра за изградба на атмосферска канализација во јужниот дел на Гевгелија, поврзување на Негорци и Прдејци со новиот водоснабдителен систем, како и реконструкција на водоводната линија за Богородица и за граничниот премин.Промовиран е и новиот проект „Урбан градски сквер“ за уредување на стариот пазар во нов парк, а по донесувањето на ДУП-от за центарот на градот се создаваат услови за негова реализација. Догодина започнува обновата на патната инфраструктура со доделениот грант од 900.000 евра од Министерството за транспорт и врски, кои ќе бидат наменети за доизградба на последната делница од патот за Ума, за изградба на улицата во Милци, како и улицата од влезот до центарот на Мрзенци.Гевгелија е вклучена во проектот за гасификација и приклучување кон јужниот – грчки крак, кој до пролет идната година треба да биде подготвен за реализација, а паралелно работиме и за реализација на секундарната мрежа, ги информираше градоначалникот Сашо Поцков советниците за наредните активности.