Постигнатите успеси се наши заеднички
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков
во своето обраќање на свечената седница на Советот на општината нагласи дека постигнатите успеси во општина Гевгелија се наши заеднички успеси. Во своето обраќање и видео презентација посебно се осврна на остварувањата на општината во изминатиот период.:
Гевгелија е уникатен град. Мирна како рајска градина и истовремено доволно динамична како регионален економски и административен центар. Во подножјето на грандиозниот Кожуф, но доволно блиску до Медитеранот. Модерна, но истовремено доволно традиционална и богата со своето културно, духовно и материјално наследство. Гевгелија е уникатна.И како таква, Гевгелија е наш дом. Овде се нашите корени, нашите спомени и нашите радости. Овде ја гледаме и ја создаваме нашата иднина.
Местоположбата на Гевгелија на самиот балкански коридор, но и отвореноста и солидарноста како препознатливи карактеристики на гевгеличани повеќепати го ставија нашиот град во центарот на вниманието на европската јавност.
Добрата географска положба, пријатната клима, плодната почва, природните богатства и подготвеноста за промени кај нашите граѓани е тоа што ја прави Гевгелија привлечна за секого.
Навистина, да живееш во Гевгелија е привилегија и задоволство. А, да си градоначалник и татко на еден таков град и општина подразбира голема одговорност, пожртвуваност и визионерство. Затоа што Гевгелија го заслужува тоа.
Почитувани,
Пред две години избравме да ја направиме Гевгелија да биде модерен, европски и зелен град. И веднаш после добивањето доверба од граѓаните започнавме да ја спроведуваме оваа наша заедничка визија во реалноста.Како стратешки цели на првата половина од мојот мандат како градоначалник беа утврдени капиталните инвестиции во патната и комуналната инфраструктура, подобрување на квалитетот на живот, одржлив економски и еколошки развој, финансиската консолидација на општината и кадровско екипирање.
Во изминатите две години беа изградени и обновени 20-ина улици во Гевгелија и во населените места со вкупна површина од 35.300 метри квадратни.
За изградба и обнова на локалната патна мрежа од општинскиот буџет беа издвоени 37.000.000 денари или околу 603.000 евра.Поточно, изградени се нови улици со вкупна површина од 6.700 метри квадратни и вкупна вредност од 13 милиони денари.Извршена е реконструкција, односно обнова на асфалтот на 16.800 метри квадратни улична површина во вредност од 10.308.872 денари.Бетонирани се 11.758 метри квадратни улици и краци во вкупна вредност од 8.770.000 денари.Со средства од Јавното претпријатие за државни патишта, во висина од 180 милиони денари, извршена е целосна реконструкција на регионалните патни правци Миравци-Давидово и Прдејци-Смоквица, како и на патот Гевгелија-Негорци, во должина од 6,5 километри.Изграден е алтернативниот пат Смоквица-Прдејци, а започнаа изведбените работи на патот Гевгелија-Богданци-Фурка.
Во пресрет на празникот беа предадени во употреба последната делница од патот Негорци-Серменин и патот од Давидово до манастирот Свети Илија, изградени со финансиска поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и сопствено учество. Додека пак со грант од Меѓународната организација за мигранти се гради патот до Времената депонија кај Ново Конско.Меѓутоа, многу поголем предизвик за мене беше дореализацијата на веќе започнатите капитални проекти, бидејќи не беше доволно само да се гледа нивното финиширање, туку требаше и да се изменаџира нивната конечна реализација. Особено, ако се има предвид потребата од обезбедување на дополнителни средства и измени на проектната документација.Важно е дека Гевгелија доби Пречистителна станица, нов Водоснабдителен систем и Времена депонија.Бидејќи со тоа се обезбедува одржлив еколошки развој на општината, што е предуслов и за одржливиот локален економски развој.
Паралелно со ваквите капитални зафати, беа реализирани и неколку помали инвестициони зафати за подобрување на комуналната инфраструктура, за што од општинскиот буџет беа издвоени 997.000 денари.За подобрување на комуналната инфраструктура секако ќе придонесат проектите чија реализација е во тек.Во Моин започнува да се гради Пречистителна станица за отпадни води.Стартува изградбата на водоводната мрежа во станбената населба Караорман, по што ќе следи и изградба на канализациона мрежа, како и новата атмосферска канализација на улицата Индустриска во Гевгелија.Проекти кои се реализираат со грант од Светската банка доделен за успешното менаџирње и финиширање на капитални проекти за водоснабдување и изградба на нови училници во средното училиште.Заради успешно менаџирање и финансирање на капиталните проекти за водоснабдување и нови училници, Светска банка ни одобри грант за реализација на овие проекти.
Во рамките на проектот „AQUA M2’’ со финансиска поддршка од ИПА Програмата за прекугранична соработка се уредува дел од коритото на Сува река- што е особено значајно како проект за заштита на градот од поплави, додека ЈПКД „Комуналец“ се опремува со најсовремена лабораторија за мерење на квалитетот на водата во реката Вардар.По скоро пет децении почна изградбата на Браната Конско, најголемиот инвестициски зафат во земјоделството во регионот, од која ќе се наводнуваат 8.000 ха обработливи земјоделски површини.
Новата учебна година учениците во СОУ Јосиф Јосифовски ја започнаа во новоизградените 21 нова училница, а наставата ја следат во една смена. Во сите општински основни училишта подобрени се условите за настава.И тоа, не само во централните училишта, туку и во подрачните училишта во населените места Милетково и Кованец.Во централната детска градинка во Гевгелија и во детската градинка во Негорци извршена е целосната замена на столаријата, за што детската градинка издвои 7,3 милиони денари сопствени средства.Исто така, во централната градинка, како и во градинките Сончогледи и Цветови комплетно се реновирани тоалетите, а во сите детски градинки извршено е опремување и климатизирање на сите простории. Извршена е реконструкција на Дневниот центар за деца со посебни потреби.
Културниот живот е значително збогатен со нови манифестации и настани од областа на музичката, театарската, филмската, ликовната и алтернативната уметност и книжевност, кои се случуваа во и надвор од Народниот театар, но, не само во Гевгелија, туку и во населените места.Значаен поттик за тоа имаше Програмата за финансиска поддршка на културните проекти и манифестациии на општина Гевгелија, со која финансиски беа подржани стотина културни манифестации, проекти и настани. Додека пак со инфраструктурни зафати се настојуваше да се подобрат условите за работа во културно-образовните установи, како што е случајот во моментот со реконструкцијата на покривот на музичкото училиште „Васо Карајанов“.
Гевгелија со право стана град на кошарката. Најстариот фудбалски клуб „Кожуф“ се консолидира и се врати во трката за престижното друштво на македонскиот фудбал. Ракометот, исто така, бележи резултати, а на општо задоволство се поголем е бројот на учесници во масовните спортови.Паралелно, со спортските активности, беше извршено опремување на Градскиот стадион во Гевгелија и уредување на нови детски игралишта во Гевгелија, како во градот така и во населените места.
Гевгелија доби ново излетиште – Динќут, кој по целосната реконструкција, повторно им е вратен на гевгеличани и гостите.Урбаната слика на Гевгелија ја збогатија новиот дрворед на продолжението од Западниот булевар, но и новата урбана опрема.Набавени се 180 контејнери за комунален отпад од кои 55 метални и 125 пластични.
Набавени се и поставени 143 нови улични корпи за отпад.А, нови зелени површини се уредени во Гевгелија и во Миравци.За успешноста и ефикасноста на ТППЕ-Гевгелија од посебно значење е опременоста на пожарникарите и обновувањето на возниот парк.
Набавени се теренско возило , медицинско возило, опрема за врски и стационарна станица, додека пак за пожарникарите е набавена нова опрема.
Општина Гевгелија е најотворена локална власт во Република Македонија, ова го покажа истражувањето на фондацијата Метаморфозис, за нивото на транспарентност, отвореност и отчетноста на локалната власт во регионот. А неодамна општината ја доби и престижната награда Златна награда од реномираната организација Глобал Локал за креирање на добар амбиент за развој на бизнисот и претприемаштвото во Средна и Југоисточна Европа. Општина Гевгелија е финансиски консолидирана со остварени приходи во основниот буџет од 53,8% во првото полугодие од годината, што досега не е остварено, а Општина Гевгелија е финансиски консолидирана со остварени приходи во основниот буџет од 53% во првото полугодие од годината, додека во изминатите девет месеци остварени се 66% од основниот буџет, што досега не се случило, а доволно зборува за домаќинското и транспарентно работење на општината.
Општината остварува богата меѓународна соработка, како со меѓунардните институции и фондации, така и со пограничните и други европски општини.Најдобра потврда за тоа се одобрените и финансиски подржаните проекти од страна на Делегацијата на Европската Унија, Светската банка, УНДП, Швајцарската агенција за развој, ИОМ, Ка-Фе-Ев банката.
Почитувани,
ние се наоѓаме пред големи предизвици – во наредниот период не очекува реализација на неколку капитални проекти, со веќе затворена финансиска конструкција:
Договорена е агендата и изработени се проектите за реализација на германскиот грант од 2,5 милиони евра за изградба на атмосферска канализација во јужниот дел на Гевгелија, поврзување на Негорци и Прдејци со новиот водоснабдителен систем, како и реконструкција на водоводната линија за Богородица и граничниот премин.
Промовиран е и новиот проект „Урбан градски сквер“ за уредување на стариот пазар во нов парк, со што се создадени услови за целосна реализација на овој проект.
Догодина започнува обновата на патната инфраструктура со доделениот грант од 900.000 евра од Министерството за транспорт и врски, кои ќе бидат наменети за доизградба на последната делница од патот за Ума, за изградба на улицата во Милци, како и улицата од влезот до центарот на Мрзенци.Гевгелија е вклучена во проектот за гасификација и приклучување кон јужниот – грчки крак, кој до пролет идната година треба да биде подготвен за реализација, а паралелно работиме и за реализација на секундарната мрежа.Имајќи го сето ова во предвид, слободно може да заклучиме дека Гевгелија е на добар пат за приклучување на европските текови.
Почитувани,
Постигнатите успеси се наши заеднички успеси.
Придобивките од реализираните проекти ги користиме сите и ги оставаме како наследство и на идните генерации. Тоа е наша должност и кон идните поколенија кои заслужуваат да живеат, да растат, да се образуваат и да творат во европски град, но тоа е и наш долг кон сите оние генерации кои се бореа и се вложуваа за слободна и модерна Гевгелија.