По повод 7-ми ноември - свечена седница на Советот на Општина Гевгелија
Во Народниот театар во Гевгелија, по повод Денот на ослободувањето во
Гевгелија-7 Ноември, беше одржана свечена седница на Советот на општина Гевгелија. Седницата ја отвори претседателот на Советот на општина Гевгелија Тодор Ристов, нагласувајќи дека ова е повод кој заслужува потсетување и поклонување пред жртвите од Втората светска војна, која посакуваме никогаш да не се повтори. Истовремено, изразуваме почит и благодарност до сите оние кои во изминатите седум ипол децении, слободата ја граделе и надградувале, овозможувајќи им на денешните и на идните генерации слободен развој, рече Ристов.
Притоа, претседателот на Советот на општина Гевгелија ги поздрави присутните гости, меѓу кои и градоначалниците на збратимените општини од Инџија, Јабланица, Пазин и Гвозд, потоа, градоначалниците на Куманово, Струмица, Валандово, Дојран и Богданци, претставникот на Руската амбасада во Скопје Андреј Шевченко и многу други.
На седницата свое обраќање имаше градоначалникот на општина Гевгелиа Сашо Поцков кој преку видео презентација ги презентираше остварувањата во општината меѓу две празнувања и во изминатите две години. Нека Денот на ослободувањето на Гевгелија претставува поттик за натамошниот развој на нашиот заеднички дом – Гевгелија. Сите ние кои ја вршиме градоначалничката функција оставаме белег со своето работење. Белег како водилка за нас и за идните генерации, рече Поцков.
На седницата беа врачени Седмоноемвриските награди, кои општина ги доделува на секоја петта година. Свечената седница на Советот на општина Гевгелија беше збогатена со настапот на хорот Гортинија, Распеани гевгеличани и хорот при СОУ„Јосиф Јосифовски“.