Приоритет патната и комуналната инфраструктура
Приоритет во развојната програма на општина Гевгелија
во 2010 година ќе биде подобрувањето на патната и комуналната инфраструктура. Ова го нагласи Градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков на вчерашната седница на Советот на Општина Гевгелија, кој со одобрувањето на Планот на програми за развој на Општина Гевгелија за 2020 година всушност го потврди овој приоритет. Имено, во наредната година предвидено е завршување на сообраќајната мрежа за мултинаменскиот комплекс „Милци“ кај граничниот премин Богородица, доизградба на патот за Ума и изградба на улицата од влезот до центарот на Мрзенци. Овие проекти ќе бидат финансирани со доделените 900.000 евра од страна на Министерството за транспорт и врски. Приоритет, исто така, му е даден и на Заобиколниот пат околу Гевгелија за што веќе е изработен проект, а ќе се бараат дополнително финансиски средства.
За подобрување на комуналната инфраструктура идната година предвидена е изградба на атмосферска канализациона мрежа во јужниот дел на Гевгелија, поврзување на Негорци и Прдејци со новиот водоснабдителен систем во Гевгелија и реконструкција на водоводната линија за Богородица. Овие проекти ќе се реализираат со доделениот германски грант од 2,5 милиони евра преку KFW банка. Исто така, се предвидува изградба на пречистителна станица во Негорци, која според идејниот проект треба да ги опслужува Негорци бањи, стопанската зона „Блокотехна“ и Прдејци.
Како приоритетни проекти во идната година, градоначалникот Сашо Поцков ги посочи и уредувањето на новиот градски парк „Урбан градски сквер“ на старото пазариште во центарот на градот, доградбата на детската градинка „Сончогледи и изработката на проект за Секундарна мрежа за гасификација. Имајќи предвид дека проектот за примарна мрежа за гасификација веќе се работи, а ќе се реализира од страна на Владата на Република Северна Македонија преку посебно формираното национално друштво.