НЕ - за производството на палети од увозен отпад и истражување на металични минерални суровини
Советот на општина Гевгелија на денешната седница
даде негативно мислење по повторното брање од компанијата „П и П Индустриас“ДОО Скопје за складирање на RDF и производство на палети од RDF во општина Гевгелија. Имено, општина Гевгелија во јуни годинава даде негативно мислење по истото барање, бидејќи во непосредно опкружување на наведената локација (поранешна фабрика „Керамика“) се наоѓаат капацитети во кои, главно, се произведуваат прехранбени производи. На јавната презентација на проектот организирана тогаш со учество на претпријатијата лоцирани на улица „Индустриска“, невладините организации и претставници на локалната самоуправа беше нагласено дека производството и складирање на палети од RDF гориво ќе има штетно влијание на воспоставените индустриски процеси и смата урбанизирана средина.
Меѓутоа, по четири месеци Министерството за животна средина на Република Северна Македонија достави повторно барање до општина Гевгелија за мислење во врска со дополнетото известување од италијанската фирма „П и П Индустрис“ со седиште во Скопје за намера за спроведување на проектот „Складирање на RDF и производство на палети од RDF во општина Гевгелија“. Овој пат во барањето како алтернативни локации повторно ја наведува локацијата и закупениот погон на поранешната фабрика „Керамика“ и општина Гевгелија.
Претставниците на „П и П Индустриас“ ДОО Скопје на денешната седница на Советот на општина Гевгелија пред советниците и претставниците на невладините организации го презентираа проектот и причините зошто се определиле за оваа локација. Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на седницата информираше дека, по јавната презентација во јуни, доставил негативно мислење за поднесено барање, но, по неговото повторно доставување оценил дека добро е за истото да се произнесе и Советот на општина Гевгелија. Советот на општина Гевгелија едногласно даде негативно мислење на барањето на италијанската фирма за производство на палети од RDF гориво, кое ќе се увезува од Италија, ќе се складира и произведува во Гевгелија, а палетите ќе се извезуваат во Италија.
Исто така, Советот на општина Гевгелија едногласно долучи да даде негативно мислење и за повтореното барање за мислење, доставено од Министерството за економија, од компанијата „Минералс резервоарс“ од Канада за доделување на концесија за детални геолошки истражувања на металични минерални суровини на локалитетот „Матушница-Исток“, кое се наоѓа на териториите на општините Гевгелија и Кавадарци. Имено, Советот на општина Гевгелија во декември 2017 година веќе еднаш даде негативно мислење за ова барање, но, по неговото повторување поради корегираната топографска карта, гевгелиските советници едногласно повторно дадоа негативно мислење. На тоа не обврзува референдумот на кој мнопзинството граѓани на општина Гевгелија се изјаснија против истражување и експлоатација на металични минерални суровини на територијата на општината.
Пред почетокот на седницата, на повик од граѓанското здружение „Спас за нас“ гевгеличани протестираа пред зградата на локалната самоуправа против отворање погон за преработка на отпад и продолжување на геолошките истражувања за злато на планината Кожуф. Не смееме да дозволиме најчистиот и најубавиот град во Македонија да се претвори во депонија за увозен отпад. Очекуваме и ги охрабруваме нашите сограѓани советници да донесат едногласна одлука со големо НЕ како што тоа го направија во неколку наврати во изминатите две години,а на компаниите им порачуваме отпадот да си го преработуваат дома, изјавија организаторите на протестот и граѓаните. Притоа, гевгеличани генерално им порачаа на сите загадувачи да не го губат времето со овие деструктивни проекти затоа што Гевгелија била и ќе остане еколошка оаза.