
Културно освежување на гевгелиската публика со балетската претстава „Ла, ла ла“

Гевгелиската публика,
вчера, уживаше во проследувањето на балетската претстава „Ла, ла, ла“ на НУ НОБ. Несомнено, овој настан беше културно освежување, бидејќи е несекојдневнен, од светски размери за нашето поднебје, како дел од годинашната програма за одбележување на Спасовден- заштитникот на градот Гевгелија. Доказ за уживањето е долготрајниот аплауз на публиката за балетските уметници во Големата салата на Народниот театар, кои со својата костимографија и модерна танцова кореографија на македонски евергрини допреа до нивните срца.
- Секоја миксана лента раскажува една приказна од различно време. Музиката е таа која не води на незаборавни патувања. Прегрнете ги спомените. Чувајте ги блиску до срцето. До вчера бевме она што денес сакаме да го заборавиме. Направете свој мал свет и ништо повеќе не ви е потребно, стои во критиката за балетската претстава „Ла, ла, ла“.
И, навистина, нејзиното проследување беше незаборавно патување кое ќе остане како спомен блиску до срцето. Секој еден што седеше на столчето и уживаше во изведбата, за миг успеа да си создаде свој мал свет, бегајќи од секојдневието. А, секако, главен виновник за тоа е Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, на чија покана, балетскиот ансамбл на НУ НОБ приреди вистински спектакл.