Отворена изложбата на Мирјана Крстева Массетти во Истанбул
Пред турската публика, во Македонскиот културен центар
во Истанбул, со заедничка изложба поддржана од Министерството за култура, со по десет дела се претставија Мирјана Крстева Массетти и Љубица Мешкова Солак. Изложбата „Раскажување“ ја отвори директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, господинот Рамадан Рамадани.
„Задоволството е присутно кај двете нас. Задоволни сме од посетата, а веќе дадовме неколку изјави за турските медиуми“- изјави Мирјана Крстева Массети, по отворањето на изложбата.
Изложбата е сублимат од фонични размисли на двете уметници кои ја анализираат „дуелноста“ на женската природа и ја откриваат тајната за креативноста во себе. Мирјана Крстева Массети за своите дела ќе каже дека претставуваат патување во времето, средби со спомените, тивко изговорени исповеди: „Се започнува и има свој крај во човековата душа. Претскажувања, бои, бури и радости... На патот кон катарзата... Визуелниот импакт, Немезис, безброј холограмски допири, ужасот, слобода, ти, Апсолутот, време, Бог, љубов, тихувања, неименливото... Копнеж.“
Нејзината колешка, Љубица Мешкова пак жените осликани во нејзините дела ги опишува во кратки црти, дека тие се парадокс, верни но сепак „бесни“. Посветени, но сепак релаксирани, тие ги сакат сите, но сепак никој, тие се друштвени, но истотака и осамени, тие се нежни, но сепак цврсти. Во кратки црти,тие се предвидливи во својата непредвидливост.....