Поставка на скулптури „Лунарно-Соларно, Камено-Метално, Клин“ во Народниот театар- Гевгелија
Денеска,
во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 12 часот, ќе биде отворена изложбата на скултури од гевгелискиот уметникот Дамјан Ѓуров насловена „Лунарно - Соларно, Камено - Метално, Клин“. Изложбата ќе биде организирана според сите протоколи и мерки за заштита од Корона вирусот, а истата ќе може да се погледне секој работен ден од 9 до 15 часот.
На гевгеличани уметникот Ѓуров ќе им понуди 25 дела, изработени од различни материјали, за симболично доживување на светот и неговиот космоген карактер. Станува збор за симбиоза на три циклуси преку техничка и идејна концепција.
- Од циклусот „Лунарно-Соларно“ ја потенцирам потребата од симболично доживување на светот и неговиот космоген карактер, во овој случај, во рамките на соларниот систем. Додека, пак, во циклусот „Камено-Метално“ се навраќам повеќе на земскиот карактер и поопипливо ја доловувам земската и архаичната димензија кај човекот, за на крај, во последниот циклус „Клин“, при сосема различен пристап, а сепак симболички, го соочувам човекот со егзистенцијалните проблеми и неговото присуство во општество, објаснува уметникот Ѓуров.
Досега, делата на Ѓуров од истоимената изложба беа поставени во: Прилеп, Куманово и Скопје. Уметникот Дамјан Ѓуров има голем број самостојни и групни изложби во земјава и надвор од неа.