„Ѕуница Фестивал 2021“
Во периодот
од 21 до 22 август, ќе биде одржан дводевниот фестивал „Ѕуница“, во организација на здружението „Минимал Арт Клуб“ од Миравци. „Бел Рај"- Миравци е локацијата каде што ќе се случува првото издание на „Ѕуница Фестивал 2021“.
Имено, како што истакна Моника Јовановска, дипломирана новинарка и организатор на повеќе музички настани во земјава и странство, а проект-координаторот на Фестивалот, идејата за овој проект израсна од идејата за уникатен фестивал, кој ќе и понуди на публиката алтернатива за задоволување на потребата за автентичен летен фестивал во прекрасниот јужен предел Миравци, и ќе ја потврди и оправда иницијативата на најдобар можен начин. Ова ќе биде Фестивал кој благодарение на многубројните фанови и најдобрите артисти од локалната, регионалната и светската музичка и уметничка сцена, секоја година ќе се одржува во одлична атмосфера, константно доведувана до еуфорија и ќе претставува единствено искуство исполнето со позитивна енергија. На нашите простори се нема одржано фестивал од ваков тип, каде што уметници од различни возрасти ќе можат да творат во природа, слушајќи музика, и тоа во различен временски интервал, со различна музика позадина, секој музички правец ќе претставува посебен цртеж. На крај е планирано да се разгледуваат уметничките дела и на панел дискусија ќе се разговара за тоа како различните музички правци делуваат врз креативниот процес кај уметниците. Ќе се прикаже моќната конекција помеѓу музиката и уметноста.
На Фестивалот ќе учествуваат домашните уметници: Миле Ничевски, Александар Јанев, Ана Марија Митриќеска-Кал'чева, Игор Љубовчевски Љубац, Снегана Мелник, Мирјана Крстева Массетти, Андријана Манациев, Буба Солак, Димитар Солак, Александар Џинго и Ристо Јосифовски Ромбо, како и музичари: Роботек, Томи Бојаџи, Иван Пеев, Меланге, Nemanja Dinic Dinke, Андреја Салпе, Defect 13th, Galactic Explorers, Kox, Morning Delusions, Bad Juju. Селектирани музички миксови за дневната програма на која ќе цртаат уметниците се од: Горан Кан, In Spirit, Abdy, Мирко Попов и Ален Хаџи-Стефанов.
Целта на Фестивалот е да се поттикне креативниот дух кај граѓаните, да се спојат креативците од различни области, да се информира и едуцира младината за значењето и важноста на меѓусебната соработка, како и унапредување на комуникациските вештини преку учење на нови и интересни алатки.
Целиот простор на локацијата каде ќе биде одржан Фестивалот, ќе биде декориран со рачно изработен декор од страна на Борис Петровски и неговиот деко тим Afadrenalin. Дизајнот на официјалниот фестивалски постер е на графичкиот дизајнер и познат музички продуцент Валентино Тренчев. Влезот е бесплатен. Фестивалот е поддржан од општините Гевгелија, Дојран и Валандово.