Массетти, Кованцалиев и Јанев oд Гевгелија со свои дела застапени на Јубилејната изложба на ДЛУМ
Утре (1 декември, 2021 г.),
во Националната галерија, во објектите „Чифте амам“ и „Mала станица“ ќе биде отворена големата Јубилејна изложба на членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од неговото постоење до денес, по повод 75 години од формирањето и постоењето на Друштвото.
На оваа Јубилејна изложба, со свои дела ќе бидат застапени и гевгелиските уметници Мирјана Крстева Массетти, Александар Јанев и Перо Кованцалиев. Свеченото отворање ќе се одржи во „Чифте амам“, со почеток во 20 часот, а приемот на посетители ќе биде во период од 19 до 19 часот и 50 минути. Изложбата ќе биде отворена до 12 декември.
- На изложбата ќе биде претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајки од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени, коишто го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па се до новата генерација која што ја претставува иднината на ДЛУМ. Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј“, велат од ДЛУМ.
На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ, Дијана Томиќ Радевска и министерката за култура, Ирена Стефоска. Како што најавуваат од ДЛУМ, изложбата ќе ја отвори покровителот на јубилејот, односно претседателот на државата, Стево Пендаровски.