Уредувањето на Динќут завршува до средината на декември
Изведбените работи на уредувањето на излетничкото место Динќут во Гевгелија во спортско-рекреативен центар привршуваат.
„Универзал градба“ од Струмица, која ги изведува работите, интензивно работи на финализирање на проектот,
кој треба да заврши до 6 декември годинава. Поточно, на инфраструктурниот дел од проектот што општина Гевгелија го реализира во партнерство со Агенцијата за локален развој од Банско, Бугарија, а со финансиска поддршка од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Бугарија. На Динќут веќе е изградена патека, поставени се канделабрите, а се уредуваат детски игралишта, амфитеатар, фитнес зона.
Покрај ова ќе биде уредена и трим патека за трчање и вежбање за повозрасната група посетители која ќе биде опремена со реквизити изработени од природни материјали. Во рамки на излетничкото место ќе бидат поставени и три летниковци, така што Гевгелија ќе добие еден модерен мултифункционален центар. За реализација на проектот општина Гевгелија како лидер партнер од страна на ЕУ доби 169.692 евра.