Дочекот на Новата година мина во весела, мирна и празнична атмосфера
Испраќањето на веќе Старата 2021 и дочекувањето на Новата 2022 година
мина во мирна и празнична атмосфера. За првпат, во организација на Општина Гевгелија, граѓаните од општината можеа да ја дочекат заеднички Новата година на Градскиот плоштад. Имено, локални изведувачи од Гевгелија ги забавуваа сите присутни кои одлучија заеднички да ја прослават Новата година на Градскиот плоштад, но и гости од другите градови и од соседството. За добрата новогодишна забава се погрижија: дуото Борис Ќаев и Мартин Костадинов, Оливера Станковска, „Лајф бенд“, „Фрка бенд“, Дејан Малзарков, „Панта реи“ и DJ Mad Kid.
Според информациите од ОВР- Гевгелија, новогодишната ноќ поминала без инциденти и нарушувања на јавниот ред и мир. Гевгелиската полиција не постапила по службена должност, бидејќи немало кривично-правни настани и нарушувања на јавниот ред и мир. Исто така, и во ЈЗУ Општата болница со проширена дејност- Гевгелија немало зголемен број на интервенции од вообичаеното, како и интервенции од тежок карактер.