Доделениот германски грант од 2.5 милиони евра ќе биде наменет за проекти кои обезбедуваат поквалитетен живот на граѓаните
-Наша цел е средствата од доделениот германски грант да бидат искористени за подобрување на квалитетот на условите за живот на граѓаните во општина Гевгелија,
истакна градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на денешната средба со претставниците на KFW банката,
проект менаџерот Стефан Рааб и техничкиот експерт Уве Арас, задолжени за ЈИЕ и Турција, како и секторскиот координатор во канцеларијата на KFW банката во Скопје, Роберт Шарламанов. Како што е познато на општина Гевгелија и беше доделен грант од 2,5 милиони евра од KFW банката за подобрување на водоводните и канализационите системи. Со денешниот состанок всушност започнува имплементацијата на доделениот германски грант, кој е наменет за општина Гевгелија и општина Кавадарци.
-Од приоритетно значење за граѓаните на општина Гевгелија е комуналното инфраструктурно уредување на станбените Караорман, Мрзенски рид и Касарна, каде што веќе имаме изработено проекти за изградба на водовод, канализација и атмосферска канализација. Исто така, од приоритет е изградбата на водоводна инсталација од новиот водоснабдителен систем кај Мрзенци до Негорци и Прдејци. Со овој проект, покрај вклучувањето на Негорци и Прдејци во регионалниот водовод, ќе се обезбеди и водоснабдување за ТИРЗ„Прдејци“. Од приоритетно значење во општината е и санацијата на постојната водоводна линија од Гевгелија до граничниот премин Богородица, нагласи градоначалникот Поцков.
На состанокот беа дефинирани натамошните активности за утврдување на приоритетната листа на проекти, обезбедување на сите предуслови со цел реализацијата на грантот да започне кон средината на идната година.