Почнува реализацијата на инвестициониот план за 2019 година
Инвестициониот план во општина Гевгелија за 2019 година, главно, насочен кон реализација на инфраструктурни проекти,
веќе почна да се реализира. Почна изградбата на 14 училници во СОУ „Јосиф Јосифовски“, каде што паралелно се одвива и реконструкција на угостителската сала. Наскоро продолжува и реконструкцијата на патот Гевгелија-Негорци, односно асфалтирање на преостанатиот дел од патот, од поранешната управна зграда на ЗИК„Винојуг“ до Негорските бањи.
Од приоритетно значење годинава е и пробивањето и изградбата на продолжението на Западниот булевар, за тампонирање на патот, за чија реализација експропријацијата на земјиште веќе е завршена. Во тек се и разговорите околу изградбата на патот до новата Времена депонија од крстосницата кај Ново Конско. Додека пак општина Гевгелија аплизираше за Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој – ИПАРД за изградба на преостанатиот дел од патот Негорци-Серменин, реавитализација на улицата „Методија Андоинов Ченто“ до центарот на Мрзенци и изградбата на локалниот пат од Давидово до манастирот „Свети Илија“.
По изборот на најповолен изведувач и окончувањето на тендерската постапка, треба да започне и регулацијата на дел од коритото на Сува река. Во тек се и подготовките за реализација на доделениот германскиот грант од 2.2 милиони евра со кој е предвидена изградба на нов водовод, атмосферска и фекална канализација во новите станбени населби на Караорман, Мрзенски рид и Касарна, изградба на нова водоводна линија од Мрзенци до Негорци и Прдејци со што ќе се обезбедат услови за уредување на технолошко-развојната индустриска зона Прдејци, како и реконструкција на водоводната линија до преминот Богородица и селото Богородица.