Со членството во НАТО општините економски ќе зајакнат
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вчера учествуваше во работата на Бизнис форумот во Валандово.
Притоа, Шекеринска се сретна со градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, како и со градоначалниците на околните општини Гевгелија, Дојран и Богданци.
На средбата беше разговарано за економската состојба во регионот и можностите што ќе се отворат со членството во НАТО. Шекеринска рече дека за неколку денови Македонија ќе се придружи на масата на сојузниците од алијансата како рамноправен партнер и дека тоа ќе ја зголеми видливоста на земјава на светската инвеститорска мапа.
-Очекуваме членството во алијансата економски да ги заживее општините и да го ублажи проблемот со иселувањето на младите. Целиот регион како земјоделско подрачје ќе добијат поголеми можности за извоз на природна храна, што ќе ги отвори перспективите за иновации во производството на храна и задржување на населението од натамошна економска миграција, истакна министерката за одбрана.
На Бизнис-форумот Шекеринска ги пренесе искуствата на земјите кои последни му се придружија на НАТО, акцентирајќи го забрзаниот развој поради зголемената сигурност во домашните и во странските инвестиции. Бизнис-заедницата од валандовскиот крај ги изнесе состојбите и предизвиците со кои се соочува и поздравувајќи го разрешениот спор со Грција порача дека сега откако е отстранета пречката за НАТО и ЕУ очекуваат од Владата да се сврти кон домашните теми и целосно да се посвети на економската политика со цел заживување на приватниот сектор.