Реализирани дводневните информативни сесии за подготовка на предлог-проекти во рамки на ReLOaD2
Во Општина Гевгелија, во врска со распишаниот
Конкурс наменет на граѓанските организации за доставување предлог-проекти во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен балкан (ReLOad2) што ја спроведува УНДП во соработка со Општина Гевгелија, беа реализирани две информативни сесии за граѓанските организации кои сакаат да аплицираат на повикот. Фокусот на сесиите беше зајакнување на соработка помеѓу имплементаторите на Програмата и учесниците од граѓанскиот сектор во делот на успешното пополнување на апликациите и изработката на квалитетни предлог-проекти, доследни на развојните цели на општина Гевгелија. И тоа, во следните приоритетни области: култура и туризам, заштита на животна средина, локален економски развој, социјална инклузија и човекови права, и спорт и млади.
Јавниот повик е отворен до 15.12.2022 (до 15:00 часот). Износот на средства за одобрени проекти ќе се движи од 307.000,00 МКД до 1.845.000,00 МКД. На граѓанските организации им е дозволено да поднесат повеќе од еден предлог-проект, доколку вкупниот доделен износ не надминува 3.690.000,00 МКД за целото времетраење на проектот ReLOaD2 (до декември 2024). Општина Гевгелија и УНДП го задржуваат правото да не ги доделат расположливите средства доколку предлог-проектите не ги исполнуваат зададените критериуми. Проектите може да бидат со времетраење од 6 до 12 месеци. Избраните проекти мора да се спроведат во периодот од март 2023 до крајот на февруари 2024 година.