Зајакнување на компетенциите на вработените во училиштата за препознавање, превенција и справување со врсничко насилство
Проектот
„Врснички форум театар против насилство во училиштата“ продолжи со реализација на своите активности. Изминатиот период, беа одржани 10 обуки со вкупно 192 наставника во сите основни училишта и во средношколскиот центар во општина Гевгелија. Конкретните примери, размената на искуства и практичните вежби придонесоа за зајакнување на индивидуалната одговорност на наставниците во ситуации на врсничко или каков било вид насилство. Од обуките произлегоа конкретни заклучоци, односно наставниот кадар ќе подготви превентивни активности во своите училишта и ќе се влијае на одржливост на проектните активности преку практикување на стекнатите компетенции во секојдневната работа со учениците.
Со овој проект се третира проблемот на врсничко насилство во училиштата во општината во насока на: препознавање, превенција и постапување во однос на овој сериозен проблем. Планираните активности ќе дадат придонес кон создавање училишни средини без врсничко насилство и со унапредена меѓусебна толеранција и разбирање. Проектот „Врснички форум театар против насилство во училиштата“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 - ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Општина Гевгелија. Имплементатори на проектот се ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и ЗГ „Рубикон“ од Скопје.