Стефчо Стефанов на "Свет без ѕидови" во Струмица
Гевгелискиот поет Стефчо Стефанов во саботата во Jazz club ДЕПО
во Струмица учествуваше во глобалниот настан „Свет без Ѕидови“. Имено Здружението за развој на култура и заштита на културното Наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со Светското поетско движење (World Poetry Movement) се приклучија на новата глобална акција „Свет без ѕидови“ и со тоа ја мапираа Струмица како дел од градовите во светот кои ја поддржуваат оваа иницијатива и самото меѓународно поетско движење. Македонија е учесник во ова движење со организација на два поетски настани во Скопје и Струмица. На настанот во Струмица настапија Ице Беличев, Сузана Мицева, Ѓорги Калајџиев, Вања Изова Велева, Стефчо Стефанов и Митко Гогов (модератор).
Светското поетско движење (World Poetry Movement) се залага за свет ослободен од секаква дискриминација меѓу луѓето поради нивната боја, национална или верска припадност, род, социјална положба и верувања. Поезијата ги урива ѕидовите, ѕидовите меѓу нас и ѕидовите внатре во нас. Затоа во текот на месецот февруари 2019 година низ повеќе од 145 земји ширум светот, со потврдени 905 настани во 384 градови ќе се одржуваат поетски читања, поетски акции сплотени со танц, музика и театар.