Одбележан денот на ЕУ во Гевгелија
Денот на Европа - 9 мај во Гевгелија беше одбележан
со ликовно творење на учениците од ООУ„Крсте Мисирков“ во Гевгелија, во центарот на градот. Здружението „Европско движење на РМ“ во соработка со ООУ„Крсте Мисирков“ од Гевгелија, по повод Денот на ЕУ, организираа ликовен натпревар на тема „Мојот омилен град во ЕУ“.Триесеттина ученици од ООУ„Крсте Мисирков“, од сите одделенија, цртаа на отворено инспирирани од ова тема – визуелно претставувајќи го својот роден град во европското семејство.
Нивното творење и креации можеа да ги видат гевгеличани, кои присуствуваа на настанот, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, но и други граѓани. Притоа, градоначалникот Поцков забележа дека одбележувањето на овој ден е посебно значаен за овој регион, бидејќи Гевгелија е вистинска порта кон Европа. И тоа, не само поради својата местоположба, туку и поради успешната прекугранична соработка, проектите и активностите што ги спроведува, а кои придонесуваат за почеста примена на европските стандарди. Подеднакво, во заштитата на животната средина или пак обезбедените услови за урбано живеење.
Интересно е да се забележи дека учениците од гевгелиското основно училиште твореа опкружени околу Ајфеловата кула. Станува збор за изработената макета на Ајфеловата кула од рециклиран материјал – дело на учениците од ООУ„Крсте Мисирков“. Тие под менторство на поранешниот ликовен наставник, а денес директор на училиштето Миле Петров, покажаа дека една светска знаменитост може да се изработи од најобични пластични капачиња. Ајкфеловата кулабеше избрана минатата година меѓу петте најдобри експонати на изложбата на детски ликовни и уметнички творби од отпад од пакување, изработени од 50 ликовни секции од основните училишта во Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.