БОШ 11: Богата и разновидна програма од 22-25 август
Мултимедијалниот арт фестивал БОШ 11
годинава ќе се оидржи од 22 до 25 август на повеќе локации во Гевгелија. Организаторот, здружението Арт Еквилибриум, за годинашното издание на овој веќе афирмират мултимедијален фестивал најавува разновидна и богата програма, но, и значајни новини, кои треба да привлечат поголемо внимание. Почнувајќи од гевгелиската премиера на театарската претстава „Црнила ремикс“, па, се до концертот на групата „Фолтин“.
Фестивалот ќе започне на 22 август со „Сет од кратки македонски филмови“ на платото пред Народниот театар, како и проекција на македонскиот долгометражен филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски. Веќе наредниот ден, 23 август, предвидена е театарска програма - изведба на „Црнила ремикс“ на Македонскиот Народен театар, која претставува едно поинакво видување на класичното дело на Коле Чашуле, во режија на Јордан Симонов. Веднаш потоа во Народниот театар во Гевгелија ќе биде отворена изложба и музички перформанс на Пакито Болино. Истата вечер во гевгелиската дискотека De Facto настапува Трап Да Фак Ап.
На 24 август, БОШ 11 се сели на ракометното игралиште во Гевгелија, каде што ќе биде одржан голем концерт на групите Нардис и Фолтин. Секоја вечер во редовната програма предвидени се настапи на познати диџеји, предвидени се и работилница за стрип, БОШ алтернативно катче, како и задолжителниот настан Bosh rechargeable на познатото гевгелиско излетиште Сифулајка.