На 24-ти Октомври филмот „Медена земја“ ќе се прикажува во Гевгелија
Филмот, кој е годинешен македонски кандидат за „Оскар“ и е
во трка за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, во Гевгелија ќе се прикажува на 24 октомври 2019 година. Гевгелиската проекција е дел од прикажувањето на овој филм во 24 градови во државава. Филмот „Медена земја“ во Гевгелија на 24 октомври ќе се прикажува во Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 20 часот.
Во меѓувреме „Медена земја“ го продолжува својот успешен пат на светските фестивали. Минататиот викенд беше прогласен за најдобар документарец на 25. Интернационален филмски фестивал во Атина, а ја доби и наградата „Силвер Нанук“ (Silver Nanook) за оригинален уметнички израз на „Флахертиана“ (Festival Flahertiana) во Русија. Претходно, во Русија на режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска им беа врачени наградите за најдобар дебитантски филм и за најдобар филм за животна средина на Интернационалниот филмски фестивал „Порака до човештвото“ во Санкт Петербург, како и гран при за најдобар филм на интернационалниот филмски фестивал „Човек и природа“ во Иркутск, Сибир. Во моментов авторите се во САД, каде што ја продолжуваат промотивната кампања на филмот во трката за „Оскар“.