Петнаесетти меморијален марш „Димитар Кангов - Кангата“
Членовите на ЗПСК „Кожуф“, со поддршка од општина Гевгелија,
и годинава го организираа традиционалниот 15-ти Меморијал "Димитар Кангов - Кангата" 2019. Меморијалниот марш се одржа со искачување на највисокиот врв на Кожуф, врвот Зелен Брег, висок 2166 м. во чест на долгогодишен член на овој планинарски клуб, Димитар Кангов - Кангата, кој пред повеќе од 15 години го остави својот живот на Кожуф планина при обид за искачување на врвот Ѕена од грчка страна.
На меморијалот учествуваа 180 планинари, љубители на природата и осумдесеттина ученици од основните училишта „Крсте Мисирков“, „Владо Кантарџиев“,„Климент Охридски“, од општина Гевгелија, како и од основното училиште „Кирил и Методиј“ од Стојаково. На падините на Кожуф се најдоа, исто така, и ученици од Средните општински училишта од Гевгелија и Богданци. Со свои членови, на меморијалот зедоа учество планинари од планинарските друштва Серта Неготино, Фри Хајкерси Неготино, Јаглика Неготино, Ентузијаст Струмица, Бистра Скопје. Green Power Велес и Сосна Берово. Маршутата на меморијалот водеше од Алчак (Шутка) 1600м.н.в.- Таблата - Марково езеро 2035м.н.в. - врв Зелен брег 2166м.н.в. Должина во еден правец на маршутата беше 7,3км. со висинска разлика од 660м. Учесниците на меморијалот положија цвеќе на спомен плочата на Димитар Кангов.