Едукативна акција на противпожарниот сојуз
Општинскиот противпожарен сојуз во Гевгелија,
во пресрет на зимската сезона, покрена нова акција за заштита од пожари - „Топол дом без пожари“. Со флаери и апели граѓаните се потсетуваат на превентивните мерки кои треба да се применуваат за да се спречат пожарите кои може да настанат во домовите. Пред се, редовно чистење на оџаците, да не се користи запалива течност при потпалување на огнот, електричните грејни тела да се поставуваат подалеку од запаливи предмет, а врз нив да не се оставаат алишта и други запаливи предмети, како и одржувањето и поправката на системот за греење да го прават стручни лица.
Општинскиот противпожарен сојуз во периодот од 28 до 31 октомври ќе организира квиз за заштита од пожари, на кој ќе учествуваат екипи составени од ученици од основните училишта и СОУ„Јосиф Јосифовски“. Целта на квизот, велат во противпожарниот сојуз е да се едуцираат учениците и младите за превентивните и заштитните мерки во случај на пожар и како да дејствуваат во тие моменти. Активностите на Општинскиот противпожарен сојузј се насочени кон едукација на населението, поточно, на сите граѓани, вклучувајќи ги и најмладите, за противпожарна заштита.