Концерт на градскиот камерен оркестар од Велес
Во рамки на одбележувањето на 7-ми Ноември,
Денот на ослободувањето на Гевгелија, пред гевгелиските љубители на музичката уметност вечерва настапува Градскиот камерен оркестар од Велес. Пред гевгеличани, тие ќе се претстават со програма составена од делата, „Серенада“ и „Детска симфонија“ на Хајдн, Концерт за четири пијана и оркестар во А мол од Бах, „Обливион“ на Пјацола, со солистот на саксофон Трајче Малинов и двете песни од Стефан Гајдов, „Ајде слушај, слушај“ и „Момиче мало, ѓаволо“, со мецосопранот Веселинка Маџарова.
На концертот, што го организира ООМУ„Васо Карајанов“ како солисти ќе настапат Светлана Ташева, Габриела Бачманова и Јованче Банев
Концертот ќе се одржи во големата сала на Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 20 часот.
Градскиот камерен оркестар од Велес е составен од 16 членови – професори по пијано, кларинет, виолина и виолончело и талентирани студенти на Музичката академија, средношколци и основци. Оркестарот го предводи професорот по пијано Илија Настовски од ОМУ „Стефан Гајдов“, кој учел и диригирање кај познатите диригенти Јануш Пшибилски од Полска и Алгис Заборав од Литванија. Оркестарот својот прв настап го имаше годинава на свечената академија по повод празнувањето на сесловенските браќа Св. Кирил и Методиј во Велес, кога за прв пат во македонската музичка историја беше изведено делото Концерт за четири пијана и оркестар во А мол.