Зајакнување на капацитетот на малите и средни претпријатија
На 11-ти и 12-ти декември Фондацијата за локален развој и
развој на информатички технологии, во хотелот „Скај“, одржа Завршна меѓународна конференција на проектот Акцелератор на знаење за мали и средни претпријатија. На меѓународната конференција учествуваа претставници на мали и средни претпријатија од регионот, претставници на Бизнис центрите формирани во рамките на Осумте плански региони во Република Северна Македонија, претставници на граѓанскиот сектор во РСМ и гости од Република Бугарија. Собирот на стопанственици и претставници на Бизнис центрите од осумте плански региони го поздрави градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков. Во своето обраќање градоначалникот Поцков истакна дека локалната самоуправа секогаш е отворена за соработка и поддршка на микро и малите претпријатија кои што во скоро сите развиени земји се основен двигател на развојот на стопанството. Инаку, потребата за реализација на овој проект произлезе од отежнатиот пристап до финансии и ниското ниво на апсорпција на ЕУ фондовите од страна на МСП, што се идентификувани како едни од најголемите ограничувања во РСМ. Во проектот се предвидени мерки и активности кои ќе им овозможат претежно на микро компаниите и на МСП да ја зајакнат својата конкурентност на пазарот преку подобра апсорпција на ЕУ фондовите. Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии проектот го имплементираше во партнерство со Организација на жени од Штип, а истиот е финансиран од страна на Европската Унија. Очекувани резултати од проектот се воспоставување на одржлив акцелератор на знаење за МСП како платформа за зајакнување на МСП и зголемување на фокусот на подготовка на предлог проекти за различни фондови на Европската Унија.
Меѓународниот собир го затвори директорот на Фондацијата Ристо Атанасовски, при што нагласи дека Акцелераторот и по завршувањето на проектот стои на располагање на имателите на МСП, и дека Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии е секогаш отворена за логистичка поддршка на стопанствениците кога е потребна за аплицирање за финансиска поддршка од фондовите на Европската Унија.