Поттикнување на претприемачкиот дух меѓу учениците во СОУ „Јосиф Јосифовски“
Во средното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија се одржа
првата дисиминација на проектот „Стартап бизнис за млади претприемачи и обука за туризам и угостителство“. Пред присутните гости, ученици, родители и претставници на локалната самоуправа, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков и претседателот на Советот на општина Гевгелија Тодор Ристов, учениците од економско-правната и трговската и угостителско-туристичка струка ги споделија стекнатите знаења и вештини од практичната обука во Ирска и Шпанија.
Имено, во рамки на програмата „Еразмус +“ на Националната агенција за европски програми и мобилност, СОУ„Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија успешно ги реализира активностите во рамки на практичната обука на проектот „ Старт ап бизнис за млади претприемачи и обука за туризам и кетеринг“ во соработка со партнер организациите од Ирска и Шпанија. . Проектот опфати двонеделна мобилност на 20 ученика од економско – правна и трговска струка во Даблин (Р Ирска ) и двонеделна мобилност на 25 ученика од угостителско-туристичка струка во Гран Канарија (Шпанија).
Програмата се состоеше од предавања и работилници ориентирана кон примена на методологијата на бизнис моделот Лин Канвас, предностите на дигиталниот маркетинг, предноста да се започне со старт ап бизнис и маркетинг стратегии за развој на мали и микро бизниси. Целта на практичната обука во Република Ирска е учениците да се фокусираат на поттикнување на претприемничкиот дух, да научат да го применат моделот Лин Канвас како алатка за генерирање на бизнис идејата и да ја разберат улогата на технолошките аспекти при развивање на маркетинг стратегија. Преку креативни работилници и интерактивни предавања, учениците поделени во три тима научија да креираат маркетинг стратегија и е-бизнис стратегија врз основа на методологијата на Лин Канвас со цел да одговорат на барањата на потрошувачите.