За проширување и подобрување на комуналната инфраструктура вложени 765.000 евра
Проширувањето на комуналната инфраструктура и зголемената покриеност
на сите населени места во општина Гевгелија со квалитетни комунални услуги беше еден од приоритетите во минатата година. За таа цел, беа реализирани или беше започната реализацијата на повеќе проекти со вкупна вредност од 47.199.000 денари или околу 765.000 евра.
На улицата „Индустриска“ каде што се наоѓаат најголемите стопански капацитети во Гевгелија, изградена е атмосферска канализација со што се надминати долгогодишните проблеми со поплавувањето на магацинските простории по секој пообилен дожд. Изградена е нова водоводна линија во населбата Караорман, односно на сервисните улици „Галилео Галилеј”, „Апостол Петков” и „Павел Шатев” во должина од 1763 метри.
Со тоа, всушност, почна и комунално- инфраструктурното уредување на овој дел од оваа станбена населба, каде што со години по ред сопствениците на станбени куќи не можат да се вселат, иако навреме платиле надомест. Меѓутоа, необезбедената водоводна и канализациона мрежа беше основната причина за невселените објекти. Инаку, и двата проекта се реализирани со сопствено учество и со финансиска поддршка од Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП) заради успешно реализираните проекти за водоснабдување и за изградба на училници во СОУ„Јосиф Јосифовски“. На Караорман, по водоводната мрежа, продолжува изградбата на канализациона мрежа со средства од Општинскиот буџет.
Во тек е изградбата на фекален колектор со Прочистителна станица во Моин, со финансиска поддршка од Бирото за рурален развој, но и со сопствено учество. Со изградбата на Прочистителна станица се заокружува целосно канализациониот систем во ова населено место, каде што претходно беше изградена канализациона мрежа.
Исто така, продолжуваат изведбените работи на регулацијата на дел од Сува Река, каде што најголемиот дел од проектираните работи се завршени. Останува уредувањето на влезниот и излезниот дел од планираните 600 метри за регулација. Проектот се реализира со финансиска поддршка од ИПА-ППС со Грција.