Бетонирање на улици во Гевгелија и во населените места
Минатогодишната акција за подобрување на патната мрежа во општина Гевгелија
продолжува и годинава со бетонирање на повеќе помали улици и краци во повеќе населени места. Во Мрзенци веќе започна бетонирањето на улицата „Гоце Делчев“ која води до Училиштето, а веднаш потоа ќе биде бетонирана и крак кој води до бензинската пумпа на „Лук Оил“. Изведувач на работите, кој на јавниот повик понуди најповолна понуда, е градежната фирма „Мансард“.
Веднаш потоа, механизацијата се сели во Гевгелија, каде што е предвидено бетонирање на улицата која се протега долж одводниот канал Рауљ, од Мостот на патот за Негорци кон новиот хотел. „Пеинт ин блек“. Со акцијата за бетонирање ќе бидат опфатени и населените места Петрово, со бетонирање на улицата до црквата, Кованец, улицата од влезот до Училиштето во центарот, како и една улица во центарот на Богородица.
- Покрај ова, претстои асфалтирање на повеќе улици во градот и во населените места, за што веќе потпишавме договор со фирмата „Ве-Група“ од Радовиш, по окончената тендерска постапка, најави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, при обиколката во Мрзенци. Најпрво, во Гевгелија ќе биде целосно асфалтирана улицата „Индустриска“ и улицата од патот Негорци-Гевгелија до улицата „Индустриска“ која минува крај поранешната фабрика „Зора“. Исто така, предвидено е и асфалтирање на улицата „7 Ноември“ од Амамот до крстосницата на улицата „Маршал Тито“ и „Димитар Влахов“, како и понатаму до крстосницата со улицата „Јосиф Јосифовски“. Предвидени се реконструкции на улици во Прдејци и Давидово.