Градоначалникот на општина Гевгелија изрази поддршка и благодарност до здравствените работници
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес ја посети Општата болница
во Гевгелија и притоа изрази поддршка и благодарност до здравствените работници, кои се најистурениот дел во справувањето со Корона вирусот и заштита на здравјето на граѓаните. Директорот Митко Крџев информираше дека состојбата во Болницата е мирна и стабилна. Се примаат само итни случаеви на пациенти, сите посети на болните пациенти во Болницата се забранети, а во договор со пациентите се одлагаат договорените прегледи преку „Мој термин“, доколку за тоа нема итна потреба.
Исто така, и во Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија има целосна мобилност, како за комуникација со граѓаните, така и за директни интервенции, истакна епидемиологот Сашо Олумчев. На средбата стана збор и за моменталните потреби на Општата болница, при што од страна на Градоначалникот на општина Гевгелија беше изразена подготвеност Општината, согласно нејзините можности, да помогне во обезбедувањето на потребните средства.