Општина Гевгелија обезбеди 8000 заштитни маски за граѓаните
Општина Гевгелија обезбеди 8000 бесплатни заштитни маски
за потребите на граѓаните во општината. Маските се донација од конфекциската фабрика „Дока текстил“ во Валандово која и донираше 8000 заштитни маски на општина Гевгелија. На тој начин, со шиењето на заштитните маски, покрај редовниот производен процес, оваа компанија ја потврди својата општествена одговорност.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, изрази благодарност за донацијата и солидарноста на „Дока текстил“ од Валандово:
- Апелирам до граѓаните да не се шири фамата за недостиг од заштитни маски бидејќи општина Гевгелија преку донацијата обезбеди доволно заштитни маски. Повикувам на смиреност и трезвеност во овие сериозни моменти за нашата земја, вклучувајќи ја и општина Гевгелија, рече Сашо Поцков, нагласувајќи дека маските ќе бидат дистрибуирани до сите граѓани во општината.
Имено, од утре, во периодот од 10 до 16 часот секој ден, бесплатните заштитни маски ќе се делат на посебен пункт поставен на градскиот плоштад, пред супермаркетот „Кит-Го“. Маските на граѓаните ќе ги делат волонтерите на Невладината организација „Чеjнџмејкерс“ која се вклучи во реализацијата на оваа акција на Општина Гевгелија. Исто така, маски ќе се достават и до сите села во околината на Гевгелија.